Контакт телефон +389 (0) 2 2532 000

Во ОКТА организирана вежба за справување со инциденти од поголем размер




Компанијата располага со соодветни ресурси, обучен кадар и целосен план за одговор во вонредни ситуации

(Скопје, 15.10.2015)
– Брза реакција и успешно справување со пожар и инцидент од поголем размер е резултатот од предвиденото сценарио за интерактивната оперативно-тактичка вежба за кризен менаџмент што jа спроведе ОКТА. Во неа беа вклучени професионалната ПП и универзалната единица на ОКТА, противпожарна екипа од Куманово, ПП единицата од Аeродромот Александар Велики, противпожарната авијација на Дирекцијата за заштита и спасување, како и медицинскиот персонал од поликлиниката Неуромедика и Црвен Крст на град Скопје.
„Секоја компанија согласно законските обврски е должна да организира заштита и спасување на вработените, имотот и нејзиното опкружување во рамките на својот деловен процес. За таа цел во ОКТА е развиен целосен концепт за кризен менаџмент кој овозможува да се избегнат и минимизираат ризиците, како и да се преземат превентивни и оперативни мерки за заштита и спасување. Имајќи ја за приоритет безбедноста, во ОКТА посветуваме посебно внимание на редовно тестирање на планот и системот за заштита и спасување како би обезбедиле негово постојано подобрување и подготвеност за брз одговор во вонредни ситуации“, изјави Главниот извршен директор на ОКТА, Јанис Героуланос.
Сценариото на денешната вежба предвидуваше екстремна ситуација, пожар на резервоар во кој е складиран бензин, со тенденција и опасност на брзо ширење во правец на останатите резервоари. Високото ниво на ризик во резервоарскиот парк наложи потреба за широка акција, во која беа вклучени силите за заштита и спасување на ОКТА, како и на државните институции и компаниите од првиот појас на опкружување.
„Целта на изведувањето на интерактивните оперативно-тактички вежби на безбедносно-заштитните системи е оценување на нивната функционалност, координација на сите релевантни фактори за справување со инциденти и обезбедување на брза и ефикасна интервeнција. Вежбата потврди дека компанијата располага со соодветни ресурси, обучен персонал и добро разработен концепт за справување и со посложени форми на опасност“, изјави Зоран Доревски, Менаџер на Обезбедување во ОКТА.