Контакт телефон +389 (0) 2 2532 000

Кампања "ЈАС ВНИМАВАМ"

Кампања за подигнување на свеста за безбедност во сообраќајот „ЈАС ВНИМАВАМ“

На 24 март, 2017 година, ОКТА официјално ја започна националната кампања „ЈАС ВНИМАВАМ“ чија цел е подигнување на свеста за безбедноста во сообраќајот. Преку континуирани активности компанијата работи на поттикнување повисока општествена свест за личната и колективната безбедност во сообраќајот. На тој начин придонесуваме за креирање одржлива култура за побезбедни сообраќајници, бидејќи силно веруваме во остварување на нашата цел за намалување на бројот на сообраќајни прекршоци и незгоди, на кои сме сведоци секој ден.

Во рамките на кампањата „ЈАС ВНИМАВАМ“ се реализирани следните активности: 
  • Во текот на 2017 година, во соработка со Министерството за внатрешни работи, кое безрезервно се приклучи во кампањата, секој месец беше посветен на дел од најчестите проблеми во сообраќајот како што се возење под дејство на алкохол, употреба на заштитни шлемови за мотоциклисти, употребата на безбедносен појас за возачите, почитување на ограничувањата на брзината пропишана на сообраќајните знаци, употреба на детски седишта, како и соодветна зимска опрема. Повеќе јавни личности учествуваа во месечните активности за да нѝ помогнат да ја прошириме нашата мисија и да овозможиме што е можно повеќе граѓани да ја слушнат пораката за поголема безбедност во сообраќајот. 
  • Со донирање едукативни сообраќајни полигони во основните училишта ширум земјава, специјална обука, интересни боенки со информативна содржина за сообраќајните правила, организирана претстава за деца за безбедноста во сообраќајот, кампањата ги опфати и најмладите учесници во сообраќајот. 
  • Во 2018 година, ОКТА подели рефлектирачки приврзоци за поголема безбедност во сообраќајот на сите првачиња во Скопје. Со оваа активност беа опфатени речиси 7.000 деца од 76 основни училишта.
  • Во 2019 година, беа креирани и објавени преку социјалните медиуми вкупно седум видеа во кои се обработуваат најчестите причини за секојдневните сообраќајни незгоди. Целта беше гледачите да се информираат за опасностите што ги создава непочитувањето на сообраќајните правила, како и да се поттикне поголема внимателност кај сите учесници во сообраќајот. 
  • ОКТА донираше механизми за регулирање на работата на семафорите кои се поставени на крстосниците на неколку булевари во Скопје, со чија помош пешаците можат да активираат вклучување зелено светло и со тоа побезбедно да ги минуваат булеварите. Механизмите се поставуваат на коловози со голема фреквенција на возила, каде е неопходно зголемување на безбедноста на пешаците. 

Во 2017 година кампањата „ЈАС ВНИМАВАМ“ беше прогласена за најдобра национална општествено одговорна практика на годишната манифестација организирана од Координативно тело за општествена одговорност на претпријатијата и Министерството за економија. Кампањата беше претставена како најефективна и најсеопфатна во однос на прашањата со кои се занимава. ЈАС ВНИМАВАМ беше избран во конкуренција на 15 големи компании со вкупно 24 проекти.

Следете нè на: